Агентот во областа на кинематографијата им помага на филмските професионалци, да најдат работа, да преговараат и да градат професионална кариера. Агентот ќе ти даде работа, пари и ќе те направи славен, со ова се согласија агентките Луси Прајс, Сара Кемпбел и Ранџиндер Ханс, кои денеска во кино „Манаки“ дискутираа за тоа, која е главната улога на агентите во областа на кинематографијата.
„Работа на агентот е секогаш да бара таленти, да биде во константен дијалог во какви проекти е вклучен кинематограферот, какви приказни сака да раскажат. Во агенцијата во која работам, секогаш го проверуваме пулсот, односно се информираме каде се снима, кој е вклучен во процесот на снимање. Поврзаноста е многу важна. Постојано сме во дијалог со нашите клиенти, ние сме нивни заштитници“, вели Кемпбел.
На прашањето, колку често се случува клиентите, односно директорот на фотографија да очекува дека неговиот филм ќе добие оскар, Ханс вели дека во пракса се случува да имаат такви очекувања.
„Некогаш кинематограферот мисли дека неговиот филм ќе добие оскар. Но, филмот мора да е хит, мора да прави пари. Некогаш има одлични филмови, но не добиваат оскар и тоа е тажниот дел. Затоа фестивалите се важни во таа смисла. Од Кан фестивалот, неколку месеци пред оскарите, веќе може да се насети кој филм ќе биде хит“, вели Ханс.
Кога станува збор за изборот на агент, важни се социјалните мрежи, согласни се агентките.
„Би требало филмските професионалци, при изборот на агент кој ќе се грижи за нив, да проверат кој агент сакаат да ги застапува и да истражат кој е тој. Луѓето ќе те „гуглаат“, затоа е важно како агент да имате чиста онлајн трага, односно дали имате позитивен углед онлајн. Кога испраќате мејлови, пишувајте и по некој комплимент, а во мејловите секогаш нека ги има и вашите профили до социјални медиуми“, вели Прајс.