Алис Брукс: Бев менторка на средношколец кој денеска се изгради во прекрасен кинематографер
Сет Емонс, директорот за комуникации во „Лајц“, денеска во киното „Манаки“ го модерираше панелот за менторство, на кој зборуваа кинематограферите Фабијан Вагнер, Агњешка Селига, Алис Брукс и Тереза Медина. Вагнер истакна дека многупати досега бил ментор на млади луѓе, за потребите на различни организации.
„Сакам да бидам таму за нив колку што им требам. Тоа не е само функција ментор, тоа е и пријателство. Менторирам почетници со различни бекграунди и амбиции. Кој сака може да аплицира, без оглед дали има искуство или не. Првото прашање што му го поставувам на кандидатот е, што сака да добие од ова, па така некои велат дека сакаат да се директори на фотографија, други да се продуценти и слично. Јас работам со секој индивидуално, за да можам да се фокусирам на секој од нив“, кажа Вагнер.
Кинематограферката Медина рече дека е менторка во Шпанија на жени кинематограферки, со кои има изградено тим кој постојано се поддржува и учи.
„Морам да кажам дека понекогаш луѓето мислат дека тоа што имаат ментор, тој е задолжен да му најде работа. Не, не сум обврзана како менторка да го правам тоа. Друга работа важна, е дека не е наша обврска ние да ги бараме нив, туку тие треба да не бараат нас ако им требаме како ментори. Ние сме тука за нив“, кажа Медина.
Алис Брукс сподели интересен пример, во кој таа била менторка на 17 годишно момче, средношколец, за кое неговите родители биле свесни дека е многу креативно.
„Разговарав со момчето, ме праша дали сакам да го видам неговото музичко видео. Јас бев во шок од сработеното, беше извонредно. Во тоа време работев на мали проекти и тој доаѓаше со мене, ми помагаше со проектите. Сега и самиот тој снима, снимивме многу реклами летово, работеше со мене. Таа врска со тој млад човек ми е многу драга, горда сум на него. Тоа е една убава приказна за тоа, како еден средношколец прерасна во еден прекрасен кинематографер. Затоа сметам дека менторството е многу важно“, истакна Брукс.
Кинематограферката Агњешка Селига, рече дека во нејзиното менторство, таа тежнее кон тоа да создаде конекција со луѓето кои ги менторира, да функционираат како семејство за да можат заеднички да градат успеси.
„Нема една единствена формула. Мора да се видат потребите на различните млади луѓе. Сите имаат различни афинитети, желби. Нашите апликанти мора да имаат барем малку искуство во снимање, зашто сепак, веднаш им се даваат должности. Тоа е програма што трае три недели, период во кој си ја градат самодовербата и учат многу нови работи“, истакна Селига на панелот.